Зошто повеќе од 7 години не се решава проблемот со затворениот базен во Струга  и истиот се остава да се распаѓа. Дали пратеничката Лилјана Затуроска има нешто друго да им понуди на стружани освен празни ветувања за базенот и сметките за патни трошоци кои ги прави за нејзините, по се изгледа туристички посети на Собранието на РМ во Скопје, прашуваат од ВМРО- Народна партија од Струга.

– Зборовите на пратеничката од Струга, Лилјана Затуроска од ВМРО-ДПМНЕ дека „проектот наскоро ќе се реализира, а затворениот пливачки базен повторно ќе биде ставен во функција“ искажани во Јуни, 2011 година останаа празни зборови, кои како што минува времето го откриваат лицемерниот однос на ВМРО-ДПМНЕ кон Струга, велат од ВМРО- НП Струга.

Тие, меѓудругото, потенцираат дека сега базенот се наоѓа во многу лоша состојба, за разлика од времето кога претседател на владата бил Љубчо Георгиевски.

– Од изборите во 2006 година, преку изборите во 2008 и 2009 година, па се до последните избори во 2011 година, базенот во Струга е главно ветување и неизбежна ставка во нивните програми за преродба и манифести и тоа со секои избори се поместува временската рамка за негово реализирање. Нема да не зачуди ако и овојпат по четврти пат влезе во нивната изборна програма и лажни ветувања. Стружани сеуште ги паметат младите на ВМРО-ДПМНЕ кога се сликаа покрај базенот пред изборите во 2006 пред камери (тогаш кога и опозицијата имаше право да излезе пред тв камери а телевизијата да не биде затворена), барајќи тогашната власт да го спречи неговото пропаѓање и јасно тврдеа дека тие веднаш штом дојдат на власт ќе го обноват базенот, само што очигледно мерењето на времето и сфаќањето на тоа веднаш не е исто со постоечкото и општоприфатено мерење на времето, додаваат од ВМРО- НП.

Оттаму, велат дека на Стружани веќе им е јасно дека општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ својата неспособност за постигнување резултати ја  кријат со давање празни ветувања.

OhridNews