Реакциите во врска со најавената изградба на туристичкиот комплекс во Љубаништа не стивнуваат.

Од општинската ВМРО- Народна партија коментираат дека немајќи кандидат кој ќе му се спротистави на “Сојузот за иднина“ во Охрид, ДПМНЕ пред граѓаните излегува со цртежи на објекти нацртани во компјутерски програми како од бајките и дека доведувајќи го до работ на егзистенција, на народот му презентираат проекти како во финансиски најмоќните држави.

–  Деновиве центрите за пропаганда на ДПМНЕ и Хидробиолошкиот завод излегоа со сосема спротивни ставови. Според цртежите на ДПМНЕ, објектите од тој фамозен проект се изградени во водата на езерото, а од Хидробиолошкиот завод укажуваат дека проектот кој тие го добиле нема интервенција на вода. ВМРО – Народна партија ја повикува Владата јавно да излезе и да го претстави вистинскиот проект пред граѓаните. Вака нацртаниот проект чини стотици милиони евра, а од центарот за лаги и манипулации на ДПМНЕ велат дека чини околу четириесет милиони евра. Кој свесно ги лаже граѓаните?!, се наведува во реакцијата на ВМРО- НП.

Доколку има интервенција на вода, од ВМРО- НП ги повикуваат еколошките друштва и Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското езеро да се произнесат околу овој проект.

– ВМРО – Народна партија, во интерес на граѓаните, прашува дали ова е уште еден предизборен трик преку кој државното земјиште ќе премине во рацете на блиски луѓе до нив, како што тоа се случи со Аквапура во Ресен?! Дали на жителите на Љубаништа ќе им се случи повторна национализација на земјиштето, кое државата присилно ќе им го откупи по многу ниска цена, велат од ВМРО- НП.

Ги повикуваат премиерот Груевски, владеачката ДПМНЕ и Владата од инвеститорот да побараат педесет милиони евра како гаранција дека истиот ќе го заврши проектот и изразуваат надеж дека проектот нема да заврши како најавениот за изградба на хотел од синџирот “Хилтон“.

OhridNews