ВМРО НП реагира на политиката на владејачката ВМРО ДПМНЕ во Охрид. Оттаму обвинуваат за дволичност, посочувајќи го однесувањето кон проблемите во одредени сфери во градот пред и по доаѓањето на власт на ВМРО ДПМНЕ.
„Сведоци бевме во изминатите осум години како т.н. движење ДПМНЕ преку нивните советници, претседатели и портпароли секојдневно на прес – конференции излегуваа во јавноста, божем загрижени за Охрид, и се спротивставуваа на изградбата на станбени објекти во Охрид. Секојдневно душогрижниците од движењето зборуваа како Охрид се уништил и како Охрид се задушил. На тој начин, со тие тези успеаа да дојдат и на власт.
Се беше во ред се до вчерашната седница на Советот на Општина Охрид. Вчера, граѓаните всушност го видоа вистинското лице на ДПМНЕ во Охрид. Со донесувањето на урбанистичките планови според кои се предвидуваат изградба на згради, паднаа во вода сите обвинувања од страна на движењето. Паднаа маските кои се криеја зад изјавите за урбаниот хаос, урбаната мафија и повиците на граѓаните да излезат и да се спротистават на урбаното дивеење. Вчера сите го видовме вистинското лице на ова движење и правецот во кој тоа се движи.
Што се случи со принципиелноста на ДПМНЕ. Што се случи со ставовите на ова движење. Дали сеуште го имаат истото мислење за урбаната мафија во Охрид и криминалот во работењето на Општина Охрид. Дали и ова е сомнителна група на таканаречени „инвеститори“ и дали и овие згради се од личен интерес. Ова се зборови со кои ДПМНЕ дојде на власт. Граѓаните сами нека проценат.“-стои во реакцијата на ВМРО НП.
OhridNews