– Ние немаме ништо против таа прослава на нашите сограѓани Албанци, на кои им го честитаме празникот. Ама начинот на кој тоа се прави и немањето никаков став и одговорност од страна на власта, не не остава рамнодушни на сето тоа, и ние мораме да реагираме, бидејќи сметаме дека тоа е навреда за нашите чувства како Македонци и јасно непочитување на нашата заедничка држава Македонија, наведуваат меѓу другото од ВМРО-НП- Струга.
Оттаму додаваат дека кршењето на законите од страна на ДУИ, нивното нападно, и во многу случаи навредливо прославување на 100 години независност на Албанија, најчесто платено со народни пари на сите граѓани, значи навреда на државата , непризнавање на нејзината сувереност и закони, а со тоа и навреда на целиот Македонски народ.
– Во Струга тоа беше особено видливо на секој чекор, ама овојпат големите “патриоти” од Општинскиот Комитет на “најпатриотската” партија ДПМНЕ во Струга решија да глумат во филмот “Глувиот , Немиот и Слепиот”, па на сите овие навреди и кршење на законот ни збор не изустија истите оние кои постојано се фалат со нивниот наводен патриотизам и нивната “фанатична” посветеност на законите. Дали ДПМНЕ во Струга исто како премиерот не ги виде огромните знамиња, или тие немаат наредба од горе да го кажат своето мислење, односно не се ни тие надлежни да мислат со своја глава за овие случувања, нагласуваат од ВМРО- НП.
Им порачуваат на ВМРО- ДПМНЕ да не се кријат зад владините реклами и пропаганди и да покажат патриотизам на дело.