Општинскиот Комитет на ВМРО – Народна партија од Охрид бара од Владата на Република Македонија да го преиспита работењето на поранешниот директор на ТИРЗ зоните Виктор Мизо и да направи увид во сите договори кој тој ги има потпишано.

„Имено, Мизо како директор на ТИРЗ ја има продадено технолошката линија за производство на трансформатори на бугарски инвеститор, но производствената хала која е специјално направена за таа намена ја изнајмува на друга компанија, во која сега по заслуги истиот е директор. Со овај чин Мизо направи непоправлива штета, па така наместо отпочнување со работа на ЕМО – Трансформатори, каде беа планирани над 100 работни места, инвеститорот е принуден, заради неможност да почне со работа, да се иселува и целиот бизнис да го префрли во соседна Бугарија. Намерите на инвеститорот беа заедно со германска фирма гигант во областа на производство на трансформатори да ја рестартираат оваа фабрика и на годишно ниво да се произведуваат 10 000 трансформатори, што секако ќе придонесеше за развојот на Охрид и Македонија.“ – се вели во соопштението на ВМРО НП – Охрид.

Оттаму додаваат дека напорите на актуелната власт да се најде решение останале без успех заради спомнатите договори потпишани од поранешниот директор на ТИРЗ зоните.