Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека по извршеното финално тестирање ставени се во функција безбедносните камери на системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ на автопатската делница помеѓу селата Горенци и Требеништа, во општина Дебрца.

СПретходно софистицираните камери од системот „Безбеден град“, беа поставени на автопатот во изградба Охрид – Кичево, кај Ново Село, кои веќе регистрираат сообраќајни прекршоци.

Наскоро камерите на Безбеден град, ќе бидат во функција и на сообраќајниците во Охрид и регионот, каде уредите се веќе поставени и привршува нивната техничка проверка и тестирања, информира МВР.

Системот Безбеден град ќе овозможи засилена и континуирана сообраќајна контрола, откривање на сообраќајните прекршоци, зголемување на сообраќајната дисциплина и подигнување на нивото на безбедност на патиштата. Воедно, се очекува неговата примена да придонесе и за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, велат од МВР.

Апелираме до сите возачи доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите да придонесеме за побезбедни патишта низ државата, сти во соопштението.

Г.М.
Фото: Илустрација