Од АМСМ ги информираат возачите кои ќе го користат државниот пат А3, делница Битола – Меџитлија, дека на ден 30.09.2019 година (понеделник), во период од 12:00 до 16:00 часот ќе се вршат мерења на патот со користење на специјално мерно возило, сопственост на Јавното претпријатие за државни патишта. Постапката се состои од застанување на секои 100 метри на патот и мерење на носивоста на коловозот со спуштање на товар. Се молат возачите на трпеливост и крајна внимателност при возење на горенаведената патна делница.

Инаку, сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.