Фудбалската репрезентација на Македонија отпатува за Белгија каде денеска ќе ги има последните подготовки пред можеби клучниот меч од квалификациите за пласман Светското првенство 2026 со домаќинот, што ќе се одигра утре вечер.

Во репрезентацијата владее добра атмосфера, а играчите се свесни за предизвикот и шансата која е пред нив. Белгија е фаворит, но Македонија не се предава од напред.

Натпреварот е многу важен за нас, од тоа нема бегање. Треба да се подготвиме како и за сите други предизвици, како на минатите натпревари, со ладна глава да влеземе во мечот и да се обидеме да го извлечеме најдоброто од сите нас, вели столбот на одбраната Висар Муслиу.

Напаѓачот Бојан Миовски смета дека Македонија во овие квалификации покажа дека има квалитет, а претстојните натпревари со Белгија, Казахстан и Велс, според него, се меѓу најважните во поновата репрезентативна историја.

Белгија има квалитет, повеќето нивни играчи настапуваат во најсилните лиги, но ние играме како тим и тоа веќе го докажавме. Очекуваме голема поддршка од навивачите и верувам дека ќе гледаме одличен фудбал, додаде Миовски.

Натпреварот Белгија – Македонија се игра на 10 октоври, петок, во 20:45 часот во Гент.

Г.М.
Фото: Принтскрин ФФМ/Фејсбук