Петнаесеттина возачи вечерва пријавиле оштетувања од големите дупки на коловозот на регионалниот пат Охрид – Кичево, на потегот од клучката на влезот од Охрид до Св. Еразмо. Дупнати гуми, искривени бандажи и други оштетувања на возилата, се само дел од пријавите на охриѓани оваа вечер, за кои била известена и сообраќајната полиција.
Очевидци не известија дека вечерва почнале да се пополнуваат опасните дупки на магистралата Охрид – Кичево пред влезот на Охрид, но предизвикана е голема материјална штета. Револтираните граѓани бараат надлежното државно јавно претпријатие за одржување на патиштата да ја извршува работата за која и постои, односно навремено да ги поправа оштетувањата на коловозите.
Од специјализираните автомеханичарски сервиси во градот со кои контактираше OhridNews, не информираа дека деновиве е зголемен бројот на возила со оштетувања како последица на удар во дупки на коловозите.
Обилните врнежи од дожд изминатиот период ги зголемија оштетувањата на ионака лошата патна инфраструктура, која нередовно и несоодветно се одржува, а водата ги покрива оргомните дупки на неосветлениот државен пат, кои на места се длабоки десеттици сантиметри. Претстојат новогодишните празници кога во Охрид се очекува да пристигнат и многу гости, оттаму неопходна е итна санација на ударните дупки на коловозите за да се спречат несакани последици и материјални штети.
Г.М.















