Најниската нето плата да не биде помала од 8.050 денари, предвидува Законот за минимална плата кој идната година стапува во сила. Со законот што се носи првпат од осамостојувањето на Република Македонија се очекува да се подобри состојбата на 65 илјади работници чија плата моментно е под предложеното ниво.

Минималниот износ не е фиксен и ќе се корегира секоја година врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, со пресметување на 39,59 проценти од просечната плата во државата. Во износот не се вклучени додатоците на плата кои дополнително ќе треба да му се исплатат на работникот, а доколку вработениот не ги оствари очекуваните резултати тогаш минималната плата ќе му се намали соодветно на сработеното.

Во текстилната, кожарската и чевларската индустрија законот ќе има одложена примена до 2015 година, односно платите во овие сектори постепено ќе се зголемуваат во следните три години со цел да не се предизвикаат потешкотии во работењето на овие дејности.

Договорот за минимална плата беше постигнат на 1 октомври годинава. Во моментот Законот е во собраниска процедура, а „зелено светло“ доби во прво читање и беше даден во натамошна постапка.

OhridNews