Вкупно 165 проекти за заштита на недвижното и 36 од движното културно наследство се реализирани од страна на НУ Завод и Музеј Охрид во текот на претходните шест години. Во 2012-та, оваа установа успешно ги заврши предвидените активности, преку кои се конзервирани поголем број на објекти и археолошки локалитети од културно-историска важност, информираше директорката НУ Завод и Музеј, Тања Паскали Бунташеска.
„Локалитетот Манчевци, претставува едно од најзначајните археолошки наоѓалишта во Охрид и пошироко. При ископување за изградба на три станбени објетки, откриена е базилика која датира од 4-ти до 6-ти век со богати мозаични подови и камена пластика. Првата фаза беше изградба на потпорни ѕидови, со цел да се спречи опасност од лизгање на соседните објекти. За оваа година, прокетот ќе биде целосно реализиран. Ќе се изведе кровна конструкција, бетонските ѕидови ќе се обложат со камен, а локалитетот целосно илуминиран.“ – изјави на прес конференција директорката на Завод и Музеј.
Мината година беше конзервирана Куќата на Бојаџиеви, а започната е изградбата на Куќата на Ајри Доко во стариот дел на градот.
„Куќата на Бојаџиеви претставува значаен објект, каде автентично се зачувани екстериерот и ентериерот. Во првата фаза беше конзервиран покривот, во втората ентериерот, додека во третата фасадите и комплетната надворешна столарија. Во 2012 -та, се одвиваше втората фаза од проектот за реставрација на Куќата на Ајри Доко. Се изгради вториот кат од објектот, односно се изѕида надворешната страна. Оваа година, ќе се постави кровната конструкција, вратите и прозорците.“ -истакна Паскали Бунташеска.
Исто така, започната е шестата фаза од санацијата на ентериерот на управната зграда на НУ Завод и Музеј, при што се реконструирани две простории за потребите на архитектите и историчарите на уметност. Од верските храмови, во 2012 се конзервираа црквите „Св. Никола“ во Косел, „Св. Богородица Захумска“ во Трпејца и три објекти со исламска архитектура.
„Работевме на четвртата фаза од црквата „Св. Никола“. Објектот пред четири години беше во многу лоша состојба, а постоеше опасност од негово уривање. Оваа година ги конзервиравме фреските, а во 2013-та ќе завршиме со проектот. За црквата во Трпејца, опточнато е со конзервација на фрескоживописот. Исто така, во соработка со ТИКА работевме на три објекти со исламска архитектура. Тоа се Турбето од Синан Челеби на Плаошник, шадрванот од Зејнел Абедин Паша и Воска амамот.“ – посочи Паскали Бунташеска.
Од областа на движното културно наследство кознзервирани се три икони од постојаната поставка во галеријата на икони. Исто така, извршен е откуп на повеќе етнолошки дрвени предмети, а конзервирани се 17 бајонети од втората светска војна.
За оваа година, предвидени се низа активности, а еден од најзначајните проекти е санацијата на ѕидовите на Долни Сарај и фасадата од куќата на Јонче Стружанче во стариот дел на градот.