Приоритет на локалната самоуправа во 2013 ќе биде реконструкцијата на најпрометните улици во Охрид- „Јане Сандански“, „Питу Гули“ и „Абас Емин“.

Како што објаснува раководителот на Секторот за сообраќај, Зоран Шикалески, на овие улици ќе  се  обновува  коловозот, ќе се реконструираат тротоарите, дрворедите, осветлувањето, со што е предвидено тие да добијат сосема нов изглед.


– Станува збор за едни од најфреквентните сообраќајници во градот, низ кои, особено во летниот период,  се движат голем број возила кои доаѓаат од Битола и се упатуваат кон туристичите населби .Реконструкција ќе се врши и на улицата „Абас Емин“, каде првично е предвидена промена на канализационата и водоводната мрежа, а потоа и реконструкција на коловозот, осветлувањето и тротоарите, вели Шикалески.   

Ќе се продолжи и со најавената изградба на кружните текови низ градот. Меѓу првите кои се предвидени за изградба во 2013 е кружниот тек на пресекот на булеварот „Туристичка“ и улицата „Бистрица“, каде веќе се завршени активностите околу поставувањето на канализационата и водоводната мрежа и регулирањето на одводот на дождовната вода.

Шикалески е задоволен што и покрај тешката економска состојба, изминатата година биле реализирани најголемиот број  активности од областа на комуналната сфера предвидени со годишната програма за работа.

Т. К.