Годишната програма за 2015 на ЈП Градски пазар, која неодамна беше усвоена од страна на советот на општина Охрид, предвидува во текот на годинава на неколку локации да се отворат пазари на мало од времен карактер на кои ќе се продаваат исклучиво земјоделски производи.
– Нивното отварање произлегува од потребата на граѓаните како и гостите во текот на летната туристичка сезона, поточно во периодот од месец мај до септември кога побарувачката е поголема. Идејата е Градски пазар во соработка со основачот, да обезбеди локација за организирање на пазари на мало од времен карактер и помал обем , кои ќе имаат од 10 до 30 тезги наменети исклучиво за продажба на земјоделски производи. Со организирање на пазари од мал обем освен што ќе се задоволат потребите на граѓаните во текот на туристичката сезона, ќе се дејствува и во сузбивањето на бесправните импровизирани пазари, сметаат од јавното претпријатие.
До секторот за урбанизам доставено е барање да се одредат локациите на кои ќе бидат поставени малите пазари.
Годишната програма за работа на претпријатието за 2015 година предвидува и изградба и отварање на цветен пазар во рамките на пазарот на мало.
OhridNews












