Според годишниот извештај за работата на судовите на Судскиот совет во 2022 година од вкупно 27 основни судови низ земјава ажурни се 14, а неажурни 13.  Ваквата оценка е врз основа на разликата меѓу бројот на примени и решени предмети во годината. Односно судовите кои решиле повеќе од примените предмети во текот на годината се ажурни, додека, тие кои не успеале и го зголемиле бројот на заостанати предмети се неажурни. Како неажурен се оценува и Основниот суд Охрид.

Основниот суд Охрид 2022 година ја започнал со 4 375 нерешени предмети, во работа примил 17 541 предмети. Од овој фонд за работа решени се 16 363 предмети, а останале нерешени 5 553 предмети. Според тоа не го совладал приливот на предмети и го зголемил заостатокот за 1 178 предмети.

По систематизација во овој суд се предвидени 18 судии, а во 2022 година биле пополнети 72 проценти од овие места, односно работел со 13 судии.

Според податоците од Судскиот совет, заклучно со 6 март годинава во ОС Охрид активни се 11 судии, а на еден судија позицијата му е во мирување. Согласно тоа, бројот на испразнети места е 6. Иако бројот на судии за пензија е двајца, моментално нема објавено оглас за ниту еден судија.

Вкупниот број на вработени во судот заeдно со судски службеници, технички службеници и припадници на судската полиција и работници изнесува 89 лица.

ОС Охрид, според пописот во 2021 година опслужувал вкупно 51 428 жители. Според тоа ОС Охрид во 2022 година имал еден судија на 3 956 жители, или околу 25 судии на 100 000 жители.

Инаку, на ниво на држава, меѓу најажурните, односно најмногу е намален бројот на заостанати предмети во ОС Гостивар.

OhridNews