Во акција за сузбивање на прекуграничниот криминал, изведена синоќа во атарот на селото Љубаништа, охридската гранична полиција пронајде и одзеде околу 15 килограми опојна дрога марихуана.  

Акцијата на граничната полиција, била реализирана синоќа околу 21 часот, со поставување на полициска заседа во приграничното планинско подрачје на илегална патека која од албанска територија води кон територијата на Република Македонија и излегува на регионалниот пат Св.Наум-Охрид.

Синоќа биле пронајдени девет паковања марихуана завиткани во црна најлонска кеса, а во текот на денешниот ден, сокриени во автомобилска гума оставена во близина на лозјата на илегалната патека, биле пронајдени уште седум паковања .Одземената марихуана ќе биде доставена на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

Охридската регионална граничната полиција презема мерки за утврдување на идентитетот на две лица, најверојатно албански државјани, кои синоќа ја пренесувале марихуаната.

OhridNews