Царинските службеници во текот на вчерашниот ден откриле и спречиле два меѓународни канали за  нелегално пренесување на дрога.
 
Во првиот случај, при контрола на патничко моторно возило, вчера царинските инспектори од Одделението за оперативни работи пронашле и привремено задржале околу 6 килограми наркотичка дрога –кафеав хероин со вредност од над 500.000 евра, доколку би се продавала на западноевропскиот пазар.

 
Околу 16 часот, на граничниот премин Табановце за излез од Македонија се пријавило патничко моторно возило, со македонски регистарски ознаки, управувано од З.М. македонски државјанин од Струга. Царинските службеници забележале дека бандажите на возилото биле преправани, па така пријавениот и возилото биле селектирани за детален преглед.По демонтирање на предната десна гума и направен отвор во бандажот била пронајдена непозната прашкаста материја која на тестер за дрога покажала позитивен резултат на кафеав хероин. Откако биле извадени и останатите три гуми и бил извршен детален преглед на сите бандажи, од нивната внатрешна страна биле пронајдени и специјално направени отвори затворени со два имбус штрафови. Со помош на вакум клешта бандажите биле исечени и од специјално направениот простор (дупло дно на бандажот) се извадени околу 6-те килограми наркотичка дрога. Хероинот бил наменет за западно европскиот пазар, бидејќи крајната дестинација на пријавениот била Австрија.
 
Во вториот случај, откриен истиот ден околу 19 часот, на истиот граничен премин, при контрола на автомобил со албански регистарски таблички, управувано од  албански државјанин пријавено на излез од Македонија, царинските службеници од граничниот премин Табановце откриле 8 кг и 530 грама марихуана.

 
Поради сомнителното однесување на возачот Ј.Х. и совозачот С.Ш. на споменатото возило, царинските службеници извршиле детален преглед на возилото. При преглед во пределот на вентилација забележана е црна најлонска кеса. Со вклучување на вентилацијата, утврдено е дека истата не работи. Кесата е пробиена и од неа е извадена кафеаво зелена материја од растително потекло. Кај совозачкото седиште под маската на возилото се пронајдени 9 пакетчиња облепени со кафеава селотејп трака, наполнети со непозната растителна материја со зелено кафеава боја со вкупна тежина од околу 6540 гр. Со вадење на шалт таблата, во шуплината од вентилацијата исто така е пронајдена растителна материја во рефус состојба со вкупна тежина од околу 1995 гр.
 
По извршеното тестирање со нарко тестер утврдено е дека пронајдената растителната материја е Цаннабис Сатива, т.е. марихуана. Пријавениот С.Ш. марихуаната ја купил од Тирана по цена од 300 евра за килограм и истата имал намера да ја продаде по цена од 500-600 евра за килограм, на купувач од Прешево.
 
Против сторителите, Царинската управа ќе поднесе кривични пријави за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.  По завршување на вештачењето, осомничените, дрогата и вкупниот доказен материјал ќе бидат предадени на истражен судија за понатамошно постапување.

OhridNews