Жителите на стариот дел на Охрид укажуваат дека се уништува шумата под Самуилова тврдина и се прави патека до куќа од страна на нејзиниот сопственик. Во дописот испратен до медиумите прашуваат дали надлежните институции се запознаени и како може во старото градско јадро да се изведуваат вакви активности.

Кој ја уништува шумата кај Самуилова тврдина? На сред сезона кога градот е полн со странски туристи багери копаат земја, сечат дрвја и камиони ја изнесуваат земјата. Дали се води грижа за животната средина и културното наследство на Охрид. Дали надлежните институции се запознаени со ова дејствие и самоволие кое го извршуваат луѓето кои живеат под тврдината кои отвориле и пат до својата куќа? Како е можно во срцето на старото градско јадро да се извршуваат вакви дејствија и дали УНЕСКО го дозволува ова?, велат во дописот жителите.

OhridNews се обрати до НУ Завод и Музеј Охрид од каде велат дека по претходно добиена писмена пријава за изведување на земјани работи (бр. 03-784/1 од 29.06.2023 година) од страна на стручен тим при НУ Завод и Музеј Охрид со решение бр. 02-784/2 од 29.06.2023 година извршен е стручен надзор на ул. „Кузман Капидан“ на КП 15804/1, КП 15804/2, КП 15805/13 КО Охрид 3, во непосредна близина на Самуилова тврдина.

Согласно своите надлежности, стручните служби при НУ Завод и Музеј Охрид изработија Извештај од извршениот стручен надзор на наведената локација на 30 јуни и истиот го доставија до Управата за заштита на културно наследство Скопје за нивно понатамошно постапување, вели Тања Паскали Бунташеска, диа, конзерватор-советник во НУ Завод и Музеј Охрид.

Н.С.Ј.