Директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман, за OhridNews објаснува дека Свети Климентовата градина ќе биде внимателно изведена помеѓу дрвјата за да се избегне сечење на боровата шума.
-Не е предвидено да се сечат борови и се надевам дека нема да има потреба за тоа, затоа што Свети Климентовата градина ќе биде изведена помеѓу дрвјата и мислам дека тоа ќе биде едно прекрасно катче за сите кои што ќе дојдат и ќе се одмараат во убав амбиент, изјави Кузман.
Тој изрази надеж дека целокупниот проект на Плаошник кој предвидува изградба на Богословски факултет, музеи, галерија на икони, споменик на Св. Климент, црковна резиденција, конаци и други објекти, ќе биде завршен до 2014 година.
-Се разбира тоа пред се ќе зависи од моќта на државата да се реализира проектот, но сметам дека до првично зацртаниот рок сите објекти барем карабински ќе бидат над земјата, а сите стари објекти ќе бидат вклопени во нив, додека дел самостојно ќе бидат презентирани, истакна Кузман.
Изградбата на 23-те објекти на Плаошик, колку што се предвидуваат со проектот на охридскиот Завод и Музеј и на „Идеа плус“, државата ќе ја чини околу 9 милиони евра.