Во четврток, 25-ти декември, ќе бидат доделени новогодишните подароци на децата од ранливите категории во рамки на акцијата „Волшебна елка“. Во оваа насока со почеток во 13 часот ќе биде организирана предновогодишната забава во Ohrid Mall.
Како што се наближува денот за доделувањето на новогодишните подароци и исполнување на новогодишните желби на децата во социјален ризик од Охрид и Дебрца, така расте возбудата на волонтерите и вработените во Црвен крст Охрид за подготовка на настанот „Волшебна елка“ кој ќе се реализира за два дена, велат од Црвен крст Охрид.
Изразуваат благодарност до сите добронамерни и хумани луѓе кои избрале волшебен новогодишен лампион и ја исполниле желбата напишана во него, обезбедувајќи го подарокот и доставувајќи го истиот во Црвен крст Охрид или во аптеката Виа Фарм во Ohrid Mall.
Ги повикуваме оние кои зеле волшебен лампион, а се’ уште не го доставиле подарокот, тоа да го направат во текот на денешниот или утрешниот ден, најдоцна до 15 часот, со цел навремена подготовка на подароците за доделување на дечињата од социјално загрозени семејства, посочуваат од Црвен крст Охрид.
OhridNews












