Одбележувањето на 77-годишнината од од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ на Славеј Планина, Општина Дебрца, што се слави и како ден на АРМ, оваа година беше само на локално и регионално ниво.
Пред спомен обележјето на славната Славеј Планина, вчера, се поклонија претставници на Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 и на граѓаните продолжувачи, за општините Охрид и Дебрца, градоначалникот на општината Дебрца Зоран Ногачески кој ја предводеше делегацијата на локалната самоуправа, како и делегација од гарнизонот на АРМ во Кичево.
Пригодно обраќање за значењето на настанот, одржа претседателот на СБ од НОАВМ за Охрид и Дебрца, Гоце Георгиески.
Заради здравствената состојба со пандемијата, одбележувањето се одвиваше според протоколот на Владата со ограничен број на присуство.
Истовремено, во подкараорманското село Годивје, чии мештани во тоа време беа логистичка база за партизанските единици – во снабдувањето со храна и облека, се одржа мал собир, во организација на Ветераните од одбраната и безбедноста за општините Охрид и Дебрца.
Баталјонот „Мирче Ацев“ е формиран на 18-ти август 1943 година и преставува прва легална воена формација за ослободување на Македонија од фашистите.
По одржувањето на преспанскиот состанок на кој беше анализирана состојбата, донесен е заклучок дека се создадени услови за создавањена регуларни воени формации, единици кои ќе бидат способни воено и политички да делуваат на целата територија на Македонија. Така со наредба на Штабот на 2-та оперативна зона, на 18-ти август 1943 година, на Славеј планина се формира Првиот баталјон „Мирче Ацев“, прва регуларна воена единица на македонскиот народ. – истакна на собирот полковникот во пензија Добре Вељаноски.

OhridNews














