По повод почетокот на новата учебна година 20 ученици од основно и средно образование во општина Дебрца добија општински стипендии за тековната учебна година 2016/2017 година. Стипендиите ги додели градоначалникот, Игор Трајкоски, кој им посака успешна учебна година и одличен успех.

– Избрани сте како најдобри од најдобрите, бидејќи сакате да учите и да се надградувате. Искуството покажало дека за секој што сака да учи и да се надградува, две нешта никогаш нема да бидат исцрпени. Прво, можностите за стекнување со вредни знаења и вештини. И второ, шансите кои ви се нудат за да го употребите наученото. Она што е неопходно за двете нешта е отворен ум за да се прими знаењето и да се препознаат можностите. Само така ќе бидете успешни во новиот глобален натпревар, во новото динамично време, истакна градоначалникот Трајкоски.

Стипендиите кои контунуирано веќе по четврти пат се доделуваат се рангирани според износот  во две категории, за учениците од основно образование 1000 денари и за учениците од средно образование 1500 денари месечно.

Во општина Дебрца, со пригодна свеченост беше одбележано и пуштањето во употреба на реконструираното основно училиште во село Оровник. Училишната зграда се простира на површина од околу 350 квадратни метри со три училници, кои ги задоволуваат сите стандарди и нормативи за реализирање на воспитно-образовниот процес. Објектот располага и со простории за административно-технички персонал и други помошни простории.

OhridNews