​Во финална фаза е изработката на законот за уредување на крајбрежјата со кој ќе се решат сите прашања поврзани со плажите на трите природни езера во државава. Во оваа насока во координација сме со градоначалниците на Струга, Охрид, Ресен и Дојран, рече денеска министерот за транспорт Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со моменталната состојба со плажите и работата без концесии.

Зборувавме со градоначалникот на Струга, сме во координација со градоначалникот на Охрид, градоначалникот на Ресен и градоначалникот на Дојран, како би ги опфатиле сите три природни езера. Во финална фаза е изработка на закон којшто треба да ги реши сите овие прашања, и што ќе правиме со затекнатата состојба, којашто е факт дека ја има, од една убава идеја којашто беше да се оплемени просторот, дел не сите, имаме и исклучоци коишто се позитивни, таа идеја ја злоупотребија. Законот предвидува тоа како да се реши, но и како во иднина ова да не ни се случи. Досега немало посебен закон за крајбрежјата на трите езера, ова ќе биде прв закон којшто ќе го уреди крајбрежјето на овие три езера. За Охридското Езеро ја имаме и препораката на УНЕСКО и таа ќе биде целосно испочитувана во рамки на овој закон, посочи Николоски.

Додаде дека целта е до крајот на годината да биде завршен законот за да може да се завршат постапките и со почетокот на сезоната април, мај веќе да ги нема овие ситуации коишто, вели, изминатите 10 години ги има и коишто се недозволиви и не смеат повеќе да се повторуваат.

Н.С.Ј.