Со контролите во делот на фискализацијата кои ги вршат мобилни екипи на Управата за јавни приходи, на територијата на општина Охрид од 26- ти септември до денес, за непочитување на законските одредби утврдени се неправилности кај девет даночни обврзници, информираат за OhridNews од УЈП.
– Неправилности се откриени кај даночни обврзници кои вршат различни дејности: промет на мало со колонијал, книжари, стоматолози, кафе-барови, бурекчилници, сендвичари, земјоделски аптеки , а причините се неиздавање на фискални сметки и прикривање на реалниот готовински промет, велат од Регионалната дирекција на УЈП во Битола.
Поради утврдените неправилности во сите случаи на даночните обврзници им е изречена парична глоба во противвредност на 3.250 евра и мерка за времена забрана за вршење на дејност од 15 дена.
Како што потенцираат од управата, во рамки на досега најголемата акција спроведена во делот на фискализацијата, се контролираат сите даночни обврзници, неселективно и без разлика на дејноста. Се проверува дали деловните субјекти издаваат фискални сметки, дали го прикриваат и прикажуваат реалниот готовински промет, водењето на финансиката документација…
Од УЈП информираат дека контролите продолжуваат и во наредниот период со цел поддршка на легалните бизниси и сузбивање на сивата економија и неплаќањето на даноците.
Т.Кувенџиска