По интензивните врнежи од дожд во Горно Лакочереј денес повторно истата слика од пред неколку дена, поплавени земјоделски површини, дворови, остави и друго. Жителите реагираат дека никој од службите не е дојден да види каков е проблемот.

Од Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека од утринава зголемување на водостоите има во југозападниот дел на земјата, односно на река Коселска, река Сатеска, река Ресенска и на останатите помали реки и суводолици во регионот каде се можни локални излевања на реките и појави на заезерување на водата.

Посочуваат дека во Охридско-преспанскиот регион се очекува реакција на помалите реки и суводолиците, а исто така и во Струшкиот регион каде се можни локални излевања и појави на заезерување во Струшкото Поле заради интеракција на подземните и површинските води.

Генерално, најголема опасност од излевања и заезерувања има во југозападните делови и западните делови на земјата каде и во текот на денот некаде до 18:00 часот врнежите ќе бидат од дожд и снег и на повисоките места, додека на пониските ќе бидат само од дожд. Во попладневните часови, некаде после 18:00 часот се очекува продор на северен ветер и северно струење на воздухот што ќе придонесе за заладување на времето и врнежите насекаде ќе преминуваат во вид на снег. До тој временски преод останува опасноста од локални излевања и заезерувања на водата пред се во југозападните, западните и северозападните делови на земјата, посочуваат од УХМР.

Н.С.Ј.