Според аналитичките податоци на СВР Охрид, во текот на овогодишната туристичка сезона (јули и август), во Охрид се случиле 70 сообраќајни незгоди, додека во истиот период лани, биле регистрирани вкупно 78.
– Она што посебно треба да се потенцира е дека, во текот на овогодишната туристичка сезона, во Охрид нема сообраќајни незгоди со жртви, за разлика од минатата година кога во јули, во 2 сообраќајни незгоди загинаа 4 лица. Од останатите параметри, вредно е да се истакне дека, оваа туристичка сезона имаше седум сообраќајни незгоди со тешко телесно повредени лица додека во истиот период лани имало вкупно девет. Во однос на здобиени лесни телесни повреди, оваа туристичка сезона забележани се вкупно 40 сообраќајни незгоди што значи намалување во однос на ланските 69, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Димоски потенцира дека во текот на оваа туристичка сезона, полициските службеници забележале и прекршоци случени при движење во кружните раскрсници, неправилно паркирање на патнички и други моторни возила на коловозните ленти, неправилно преминување на коловозите од страна на пешаците (надвор од обележан пешачки премин), управување на патнички моторни возила без возачка дозвола и со изминат рок на важност на сообраќајните документи, управување на технички неисправни патнички и други моторни возила, како и други прекршоци.
– По сите овие основи, се вршеше предупредување но и поднесување на соодветни пријави во случаи на подрастично кршење на одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, вели Димоски.
СВР Охрид и полициската станица за безбедност во сообраќајот на патиштата, ќе продолжат со професионална ангажираност насочена кон понатамошно зачувување на поволната сообраќајна безбедност во Охрид, но и кон натамошно подигнување на степенот на безбедност на учесниците во сообраќајот.
OhridNews












