Изутринава во Куманово е уапсен Игор Југ, еден од групата која за време на „крвавиот четврток“ насилно влезе во Собранието, каде беа физички нападнати и повредени дел од пратениците. На него му беше одреден притвор, но досега беше во бегство.
Игор Југ е водач на здружението „Владо Черноземски“ од Куманово кое беше дел од патриотскиот фронт. Пред настаните во Собранието, фронтот упати декларација до јавноста дека се против начинот на работата во македонскиот парламент и се заканија со други мерки.
Југ на 27-ми април беше дел од групата која успеа да стаса до собраниската прес- сала каде беше извршен напад врз пратениците на актуелната власт. Во парламентот влегол преку предната врата, додека голем дел од насилниците со фантомки влегоа од задниот влез во Собранието. Носеше црна маица со симболот на про-усташката организација ХОС, а беше забележан како подолго време ја држи раката на грбот под маицата по што јавноста се прашуваше дали бил вооружен со огнено оружје.
Тој беше посочен дека носел пиштол за време на настаните на 27 април во Собранието и кој според српскиот разузнувач Горан Живаљевиќ требал да го убие лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Игор Југ неодамна се огласи на неговиот Фејсбук профил каде напиша: Ако сум сакал некого да убијам, зошто не сум го убил? Кој можеше да ме спречи? Можев со раце да удавам некој ако сакав, таму бевме 200 на 1!! Јас ли треба да бидам жртвено јагне у оваа ситуација!“
Во текот на денот се очекуваат повеќе детали од МВР во врска со настанот.
OhridNews