На најатрактивниот простор на охридската ривиера, во близина на селото Љубаништа на источното крајбрежје, ќе се гради најмалку една туристичко – развојна зона. Урбанистичко планската документација за туристичко развојната зона Љубаништа 1 денеска беше презентирана од страна на комисија составена од експерти од министерството за транспорт и врски, Агенцијата за просторно планирање, на локалната самоуправа и други институции. Но тие немаа одговор на бројните прашања на мештаните на колкав простор ќе се протега туристичката развојна зона во Љубаништа, каде според најавите голем сместувачки комплекс сака да гради индискиот бизнисмен Субрата Рој. Дополнително, како што рекоа, збунува фактот што презентираната урбанистичко планска документација е насловена како Љубаништа 1, што логично наметнува заклучок дека нејзиниот опфат може да се прошири.
-Не збунивте, ако има Љубаништа 1, дали ќе има 2, 3?-запраша жител на Љубаништа.
–Ние немаме мандат да одговориме дали ќе има втора или трета развојна зона. И овој опфат кој го презентираме е само предлог-одговори Комисијата.
Туристичката развојна зона Љубаништа 1 се протега на површина од 26,8 хектари каде е предвидена изградба на сместувачки капацитети, спортски терени и друга пропратна инфраструктура, што е значително помалку од првично презентираниот предлог проект.
–Во дописот што го добивме од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Музејот Охрид, ни беше укажано дека на локацијата има споменична целина манастирски комплекс Св. Наум и таа е доставена со своите граници и контактни зони. Тоа е заштитен појас кој мора да се почитува и ние пристапивме така како што ни беше наметнато да ја повлечеме границата да се поклопи со граничната зона на Св. Наум.-објасни Иван Арсовски од Агенцијата за просторно планирање.
Во најголем дел туристичката развојна зона Љубаништа 1 опфаќа земјоделско земјиште, како и имот вратен со денационализација на Црквата чии претставници не присуствуваа на денешната презентација. Ова земјиште се наоѓа под селото, а околу него има приватни имоти, што го отвора прашањето како ќе биде поврзана туристичката зона, посочија мештаните.
-Не е почнато од почеток или крај туку од средина, како може да стигнете до средина ако немате инфраструктура?-запраша сопственик на имот во Љубаништа.
– За пристап до локацијата покрај постојниот регионален пат е изработен план за изградба на експресен пат кој што понатаму ќе ја поврзува туристичката зона Љубаништа1-објасни Иван Арсовски од Агенцијата за просторно планирање.
Мештаните чии имоти граничат со зоната се пожалија дека од промовирањето на идејата за изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа, живеат во неизвесност, бидејќи не знаат што ќе биде со нивното земјиште и веќе изградените куќи затоа што никој не им кажува кој и што ќе гради во Љубанишко поле.
-Ланска година од кога излезе дека ќе се прави нешто, вие знаете шетевте цела влада со тој белосветски мангуп, ние сме закочени не можеме да ги обработуваме нивите, а доколку дојдете во Љубаништа ќе видите дека љубаништани и се вратија на земјата, кажете ни или ќе се прави нешто или не ќе се прави – истакна жител на Љубаништа.
-Ние имаме викендички таму и направивме елаборат, како што ни беше кажано, но немаме никаков одговор и не можеме ништо да планираме, дали ќе сме тука нема да сме, дојдоа геометри ни кажуваат ќе ни се одземе имотот, па нема да ни се одземе, се разболевме од неизвесност-рече сопственичка на викендичка во Љубаништа.
Забелешки упати и директорот на Земјоделската задруга „Горица“ Митко Кузманоски. Тој посочи дека три објекти во сопственост на задругата изградени во средината на минатиот век влегуваат во опфатот на туристичко развојната зона Љубаништа 1, а за тоа нема соодветна одлука.
-Во одлуката што ја имате од владата не се внесени тие парцели, ќе треба да ја корегирате таа одлуката, односно да и укажете на владата дека тие три објекти не се внесени во овој плански опсег што го презентирате врз основа на владината одлука.-појасни Кузманоски.
Туристичката зона Љубаништа 1 опфаќа голем крајбрежен појас, кој влегува во заштитената зона на Националниот парк Галичица, каде согласно законот не смее да се гради, освен доколку за тоа не биде дадено одобрение од надлежни државни институции.
-Согласно законот за води, доколку нешто се гради во заштитен појас во вода или покрај вода има постапка која се спроведува во министерството за животна средина – сектор за води којшто дава дозвола или не. Тоа е заштитен појас каде сега не смее да се гради. Меѓутоа има еден член кој вели дека доколку треба да се гради си има посебна дозвола за тоа, инаку тоа е појас каде не треба да се гради ништо.-истакна Соња Ѓорѓиева од Агенцијата за просторно планирање.
Увидот на Урбанистичко планската документација за туристичко развојната зона Љубаништа 1 ќе трае до 5-ти ноември во просториите на локалната самоуправа во Охрид, до кога заинтересираните граѓани ќе можат да ги изнесат своите забелешки кои понатаму ќе ги разгледуваат надлежните државни институции. Неодамна во Љубанишко поле започнаа и археолошки истражувања на просторот, кој според претходни наоди содржи исклучитечно значајно културно историско наследство кое треба да биде истражено.
Горан Момироски