Предвремени избори нема да има, приоритети се пописот и локалните избори, изјави премиерот и лидер на владејачката СДСМ Зоран Заев. Осврнувајќи се на локалните избори, премиерот напомена дека некои од актуелните градоначалници може повторно да бидат кандидирани. Тој лично, рече, ќе застане зад нивните кандидатури.

СДСМ ќе излезе со најдобрите можни кандидати. Лично јас имам свои ставови. Она што можам да кажам во моментот е лично како претседател на СДСМ ќе застанам зад неколку кандидати заради тоа што имам свој личен впечаток, што не значи дека ќе биде и конечна одлука бидејќи имаме јасни и статутарни определби како се прави тоа, рече Заев.

Тој е исклучително задоволен од работата на градоначалниците на Валандово, Богданци, Демир Капија, Конче, Кочани, од новиот градоначалник на Штип, на Старо Нагоричане, Крушево, Маврово Ростуше…

Сигурно има и други општини. Но, тоа е само мој личен став. Ова го кажувам за да ги охрабрам да продолжат успешно да работат, но и да испратам порака до сите други да си ги завршат своите програмски ветувања кои им се дадени, рече премиерот и лидер на СДСМ.

Тој исто така рече дека постапките за селекција и избор на кандидати за локалните избори во СДСМ ќе се одвиваат во мај и јуни и оти тогаш конечните одлуки ќе ги носат органите на партијата, за оние кандидати што ќе бидат од СДСМ.

Заев потенцираше дека крајната одлука сепак ја имаат граѓаните на изборите.

OhridNews