Во Македонија има над 200.000 пациенти со ревматолошки заболувања, но голем дел од нив можат успешно да се лекуваат, за што е потребно да се зголеми бројот на ревматолози и да се користат современите медицински достигнувања. Ова меѓу другото e заклучок на експеритте кои учествуваа на Вториот конгрес на ревматолозите на Македонија со меѓународен карактер, што од 2-5 октомври се одржа во Охрид.

Д-р Владимир Огненовски–Директор на Амбулантниот оддел за ревматологија при Универзитетот од Мичиген посочи дека третманот на пациентите во Македонија не е на ниво со стандардите кои се воспоставени и употребувани, како во регионот така и пошироко. 

„Има простор да се поправи многу во областа на ревматологијата во Македонија. Постои една дискрепанца дека немаме соодветни лекови во државата. Точно е дека ги немаме биолошките лекови, но имаме генерички лекови. Она што треба да се испита е зошто постојат бариери за соодветното користење и пред сé соодветно дозирање на овие медикаменти. Причината може да е економската состојба, но сметам дека уште поважни се едукацијата на пациентите и на лекарите истовремено, со што мора да се работи на постојана интеракција помеѓу нив. – изјави д-р Огненовски во интервјуто за невладината организација НОРА. Исто така постојат некои лекови од овој тип кои се веќе регистрирани во Македонија. Потребно е Фондот да обезбеди барем одредена количина со која ќе ги задоволи барањата на категориите пациенти кај кои биолошката терапија не е соодветна, а истовремено овие лекови ќе имаат примена и кај пациенти со други имунолошки, како и гастроинтестинални заболувања“ заклучува д-р Огненовски. 

Проф. Дејвид Фокс–Директор на Одделот за ревматологија при Универзитетот од Мичиген им препорача на ревматолозите во земјава да започнат со одење на пракса во други земји каде што ревматологијата е во подем и се користат најсовремените методи. Тој ги посочи Словенија и САД како две од многуте можности за соработка. 

„Целта на овој тип на пракса е после посетата тие да се надградат со нови идеи и да можат да ги применуваат во Македонија современите стандарди и пристапи за успешно лекување на пациентите“ вели проф. Фокс. Уште поважно, нагласи тој, е дека постојат начини со кои може да се подобри употребата на веќе достапните лекарства и мониторингот на пациентите. Со медикаментите кои се достапни во Македонија може успешно да се лекуваат пациентите доколку се користат поголеми дози и третманот е континуиран, но и покрај тоа „во иднина треба да постои можност за воведување на дополнителни терапии и медикаменти, особено за лупусот.“ Во оваа насока тој посочи дека постојат лекови кои мораат да се стават на листата од Фондот за здравство. 

Проф. Матија Томшич – Директор на клиниката за Ревматологија во Љубљана, Словенија, посочи дека постојат неколку области на кои во Македонија треба да се работи кога станува збор за развојот на ревматологијата и најважно за соодветниот третман на пациентите.

„Несомнено најважно е пациентите при појавувањето на симтомите да се обратат кај ревматолог. Потоа важно е ревматолозите што побрзо да започнат со соодветно дозирање и третман, затоа што овие заболувања се многу агресивни и нивниот развој врз останатите ситеми е рапиден. И последно Фондот за Здравство мора да ги постави базичните лекови за ревматолошките заболувања на позитивна листа и истите да се достапни без финансиски надоместок.“ Дополнително тој посочи дека бројката од 16 ревматолози на 200.000 пациенти во Македонија е многу мала, со што се заклучува очигледната потреба за дополнителни кадри во оваа област. Понатаму проф. Томшич нагласи дека матичните лекари се првиот контакт кои пациентите го обавуваат по појавувањето на симптомите и токму затоа и тие треба да се обучуваат дополнително за овие заболувања, со цел што порано да го испратат пациентот во Ревматолошката клиника.

На конгресот во Охрид невладината организација НОРА, доби признание за особен придонес во развојот на ревматологијата во Македонија.

OhridNews