Со превенција од најрана возраст и едуцирање на најмладата популација за водење здрав начин на живот вклучувајќи здрава исхрана и  редовна физичка активност, може да се намали бројот на срцеви заболувања од кои годично во Македонија умираат 10.000 луѓе.Ова е пораката што по повод 30 септември-Светски ден на срцето, ја упатуват кариолозите.

Во Македонија кардиоваскуларните болести се во  благ порас, а процентот на застапеност на овие заболувања во вкупната бројка на морталитетот изнесува над 58 проценти.
Главни ризик фактори кои доведуваат до кардиоваскуларни заболувања се неизбалансираната исхрана, пушењето, конзумирањето алкохол и физичката неактивност. 

Според Светската здравствена организација во светот се регистрирани повеќе од 155 милиони деца со зголемена телесна тежина, од кои над 22 милиони се под петгодишна возраст. Кај децата со зголемена тежина, постои 80 проценти поголема можност да останат со зголемена телесна тежина и се соочуваат со три до пет пати поголем ризик од срцев или мозочен удар пред 65-та година од животот.

Годишно во светот од срцеви заболувања  умираат  17,5 милиони луѓе или 30 проценти од сите случаи годишно. Прогнозите на СЗО посочуваат дека овие болестите на кардиоваскуларниот систем и мозочниот удар до 2020 година ќе бидат водечки фактор за смрт или инвалидитет на светско рамнишето. Во Европа 50 проценти од сите смртни случаи се предизвикани од срцевите заболувања.