
Податоците на Државниот завод за статистика за цената на трудот кај нас покажуваат разлики меѓу цените на трудот за еден час во приватниот и во другите сектори. Таа во приватниот сектор е пониска и изнесува 181 денар или 2,94 евра, а во другите сектори чини 239 денари или 3,88 евра.
Вработен во Македонија во просек месечно го чини својот работодавач 33.107 денари. Меѓутоа, големи разлики има меѓу секторите. Најголем месечен просек на издатоци има за работниците во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација – 67.748 денари за вработен, што е двојно повеќе од државниот просек. Во овој сектор саатницата изнесува 465 денари или 7,5 евра, односно приближно колку што е просечната саатница во Унгарија или Полска. Најниска цена на трудот е во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде што работникот го чини работодавачот 20.214 денари месечно, што е 50 отсто од просекот во земјава, а пак саатницата во овој сектор е најниска и изнесува 118 денари или 1,91 евро.
Податоците на Евростат покажуваат драстични разлики меѓу цените на трудот во ЕУ. Највисоко платен работен час имаат Норвежаните, со 48,5 евра, следува Шведска, каде што трошоците на работодавецот изнесуваат 40,1 евро, па Данска со 38,4 евра и Белгија со 38 евра. Најниски трошоци за работник на час имаат газдите во Бугарија, каде што тој чини 3,7 евра, а нешто подобри се Латвија и Литванија со 6,3 и 6,2 евра на час. Во Словенија работниот час изнесува 14,6 евра, а во Хрватска 8,8 евра. Кај нашиот јужен сосед, Грција, цената на работниот час изнесува 13,6 евра.
OhridNews












