Во Р. Македонија во просек годишно од карцином на дојка умираат околу 280 жени, а од карцином на грло на матка умираат околу 30 жени, и покрај тоа што двата вида на карцином можат навремено да се откријат и излекуваат. Овие информации ги изнесе Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во рамки на кампањата за одбележување на Светскиот ден за борба против карциномот, 4-ти Февруари  

Владата на РМ секоја година усвојува Програма за рана детекција на малигни заболувања во која од 2012 година до сега вклучува организиран скрининг на карцином на грло на матка, а од 2011 година организиран скрининг на карцином на дојка. Наодите покажуваат дека со скринингот на карцином на грло на матка во периодот од 2012 до 2014 година се опфатени само 11% од целната популација на жени (жени на возраст од 24 до 60 години). Додека скринингот на карцином на дојка за прв пат почна да се спроведува во 2015 година и со истиот се опфатени 2% од целната популација на жени (жени на возраст над 50 години), информират од ЕСЕ .

Според здружението ниското ниво на опфат на жените со програмите за скрининг е резултат на повеќе утврдени проблеми.

-Низок е планираниот опфат на жени со Програмата (само 25% од целната популација на жени секоја година); буџетот на Програмата е ист секоја година и редовно во текот на годината се намалува (на пример: во 2015 година буџетот е намален за 15%); недоволен број на матични гинеколози во примарната здравствена заштита (во Р. Македонија недостигаат околу 150 матични гинеколози); не се спроведуваат информативни и едукативни кампањи од страна на државата за информирање на жените за потребата од редовен ПАП тест и за правата кои произлегуваат од Програмата; некоординираност меѓу институциите извршители на скрининг програмата; непостоење на електронски систем за евиденција и евалуација на резултатите од скринингот. – посочуваат од ЕСЕ.

Програмата за скрининг на карцином на дојка, истата започна за прв пат да се спроведува во 2015 година, иако од 2011 до 2014 година истата се усвојуваше и се алоцираа буџетски средства. Во 2015 година Министерството за здравство за спроведување на овој скрининг потрошило само 58% од вкупно издвоените средства

Овие податоци говорат дека Министерството за здравство не успева во целост да ги реализира активностите предвидени со Програмите за скрининг. Поради тоа ги повикуваме надлежните институции да одвојат доволно средства и да предвидат активности за скрининг на карцином на дојка и на карцином на грло на матка соодветни на потребите со што би се намалила стапката на смртност од овие карциноми и би се унапредило здравјето и квалитетот на животот на жените, сметаат од Здружението ЕСЕ.

Светскиот ден за борба против карциномот, 4-ти Февруари, оваа година се одбележува под слоганoт “Ние можеме, јас можам” и повикува на активно вклучување на поединците, заедницата, и надлежните институции со цел превенција и намалување на последиците од појавата на карциномите. Кампањата се фокусира на информирање и едукација за зголемена свесноста за превенција од карцином; обезбедување на соодветен пристап до здравствените услуги; обезбедување здрава животна средина; и унапредување на политиките по однос на ова прашање. 

Една од областите во кампањата е обезбедување на пристап до здравствените услуги, а клучна улога во борбата против карциномот претставуваат превентивните здравствени услуги. Имено според Светската декларација за карцином, секоја земја треба да обезбеди скрининг на населението за рана детекција на карциномите за кои постојат скрининг методи, вклучувајќи ги и карциномот на ракот на грлото на матката и карциномот на дојката. Со воведување на овие методи значително се намалува стапката на смртност, велат од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ . 

OhridNews