Во манастирот Свети Јован Крстител-Бигорски, на 7 јули, Иванден, денот на манастирската слава, по завршувањето на празничната богослужба, во манастирската галерија ќе биде отворена изложба на древни традиционални носии од дебарско-реканската етнографска целина.
Оваа изложба е плод на повеќегодишната соработка на бигорскиот игумен, Архимандрит Партениј, со ансамблот „Македонија“, предводен од неговиот уметнички менаџер, проф. д-р Владимир Јаневски.
На изложбата ќе бидат претставени носии на Мијаците од областите: Река, Азот и Железник, како и носии од Дебарско Поле, Голо Брдо, Дебарски Дримкол и Горна Река. Станува збор за најстари носии, коишто хронолошки можат да се следат од 17 до 19 век.
Најголем број од носиите ќе бидат невестински, но ќе има и момински. Како посебна занимливост, ќе бидат претставени две најстари горни облеки од Горна Река и од Мијаците од Крушево.