Во мирна атмосфера поминаа протестите кои во организација на Граѓанското движење „Протестирам“ и „Граѓанското движење за одбрана на Македонија“ се одржаа доцна попладнево во Охрид. Слично и како во текот на претходните паралелни протести, за чувањето на јавниот ред и мир се грижеа голем број припадници на полициските сили, кои со цел да превенираат инциденти имаа поставено кордони на неколку локации во градот.

Подржувачите на Граѓанското движење „Протестирам“ се собраа на плоштадот кај „Чинарот“, по што преку чаршијата се упатија до Централниот плоштад „Свети Климент Охридски“. Од плоштадот, групата граѓани се упати пред зградата на Основниот суд каде со пароли, скандирање и свирежи се упатуваа повици за правда.

-Протетсирам по петти пат на 5-ти мај протестира во Охрид. Денес е годишнина од минатогодишните протести за убиството на Мартин Нешкоски. Останатите барања остануваат исти, повлекување на аболицијата и излегување само на фер и демократски избори, изјави Ристо Николески од „Протестирам“.

Истовремено поддржувачите на „ГДОМ“ се собраа пред зградата на општина Охрид каде со патриотски песни уште еднаш порачаа дека Република Македонија мора да излезе од политичката криза, а тоа е можно само со одржување на избори на 5-ти јуни 2016 година.

-Го гледам овој масовен собир каде што граѓаните на Македонија даваат поддршка на движењето ГДОМ за одржување на избори на 5-ти јуни. Порачувам до сите опозициски партии, до сите здруженија, повелете браќа и сестри на мегдан да ги одмериме снагите и да се преброиме, да видиме кој сме и како сме, да бидеме свои на своето, да не чекаме странски душмани да ја кројат судбината на оваа мила мајка Македонија. Да излеземе на избори и да ставиме крај на сета голгота, изјави Тане Маркоски од „ГДОМ“.

Освен во Охрид, поддржувачите на „Протестирам“ и „ГДОМ“, вечерва организираа паралелни протести и во уште неколку македонски градови.

OhridNews