Првиот безбедносен предизвик доаѓа од пандемијата Ковид-19 и поради тоа е потребно зајакнување на капацитетите на институциите за справување со евентуален нов бран од корона-епидемијата. Ова беше истакнато на 11-тата Меѓународна научна конференција „Евро-атланските вредности на Балканот“ што во организација на Факултетот за безбедност од Скопје и германската фондација „Ханс Зајдел“, се одржува во Охрид.
Зборувајќи за безбедносните ризици поврзани со коронавирусот, проректорот на УКЛО, професорот Марјан Ѓуровски истакна дека се уште е отворено прашањето колку безбедносниот систем и системот за кризен менаџмент и управување со кризи е подготвен да одговори и се справи со евентуалниот нов бран на пандемијата.
Некој ќе рече дека системот ја потврдил својата подготвеност, но поминаа точно три месеци од завршување на вонредната состојба во земјата. Дали и што применивме од научените лекции од полицискиот час, законското нормирање и носењето на одлуките во вонредна состојба, координација, субординацијата и други бројни прашања? – праша Ѓуровски.
Според него, евентуални нови ад хок решенија за координација и соработка на безбедносните служби нема да го дадат потребниот ефект и на тој начин не може да се исклучи можноста опасноста да се зголеми.
Ние како академска фела го кажавме нашето мислење и сега се пали црвеното светло кое ни сигнализира дека се доцни со подоготвка и потоа донесување бројни решенија и законски модели на фукнционално делување на безбедносниот систем во услови на пандемија во евентуална кризна или нова вонредна состојба. – истакна Ѓуровски.
Покрај актуелната здравствена криза, според Ѓуровски предизвик за регионот претставуваат и заканата по економската безбедност како последица од пандемијата и евентуално новите зголемени рестриктивни мерки за заштита од неа, но и отворените прашања во регионот како што се недефинираниот статус на Косово, Република Српска, Санџак, политичката нестабилност во Црна Гора, Бугарија и Албанија, односите меѓу Турција и Грција. Надворешните влијанија и натаму се сериозен предзвик за безбедноста на регионот, како и радикализмот, насилниот екстремизам и тероризам, а посебен проблем претставуваат корупцијата, организираниот криминал и неефикасното судство, посочи Ѓуросвки.

Евро-атланската интеграција и членството помеѓу најмоќните претставува извонредна шанса за балканските држави кои имаат помало меѓународно влијание и ограничени ресурси. Покрај унапредувањето на соработката со светските сили, од исклучителна важност е и воспоставувањето на регионално сојузништво. Само преку ваков вид на соработка, ќе покажеме дека и самите поседуваме зрелост и способност да направиме нешто за регионот и за своите граѓани.Охрид отсекогаш бил и ќе остане космополитски центар на Балканот, па затоа посакувам да биде појдовна точка за нови видици кон регионалниот напредок. – рече Георгиески.
На меѓународната конференција учествуваат врвни професори и научни работници од регионот и пошироко.
OhridNews












