Во недела, 22 април, Денот на екологијата, во пет до дванаесет часот, камбаната на “Свети Атанасија”, во село Црвена Вода, како што велат организаторите, ќе го означи почетокот од еколошкиот бунт на жителите од општина Дебрца, но и од други градови во земјата, против предлогот за изградба на регионална депонија на територијата на оваа општина, кај селото Годивје. Истовремено ќе можат да се слушнат и камбаните во останатите села.

Веднаш потоа, во времетраење од два часа, додека трае протестот, ќе биде запрен сообраќајот на автопатот Охрид-Скопје, од страна на Кичево и кај Ново Село. Организаторите информираат дека обдезбеден е простор на кој ќе можат да се паркираат до илјада лесни возила, додека автобусите на “Пупе Компани” и “Омега”, ќе сообраќаат постојано до Охрид и назад.

Од Општинската организација на Сојузот на ветераните за Охрид и Дебрца, најавија над двесте учесници, исто толку и од организацијата на Сојузот на борците и поддржувачи, а се огласи и Општинската организација на Партијата на пензионерите, која ќе носи членови и симпатизери на протестот. Во подготовките е вклучена и локалната самоуправа од општина Дебрца. Советот на општина Дебрца, претходно, едногласно ја отфрли одлуката за давање согласност за основање на регионална депонија и потребната инфраструктура за Југозападниот плански регион од страна на Владата на Република Македонија. Советниците, изгласаа заклучок целост да ја почитуваат волјата на граѓаните на Дебрца, изразена преку референдумската одлука, односно јасно изразената волја против предложеното решение. Градоначалникот, Зоран Ногачески, изјави дека целосно ќе ја почитува волјата на граѓаните кои на референдум се изјаснија против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје.

Ногачески уште еднаш го повикува надлежното министерство да отвори нова дебата и расправа по ова прашање, која ќе биде транспарентна, со вклученост на сите засегнати страни, како и стручната јавност, екологистите, еколошките здруженија и граѓаните да го изнесат својот став.

Идејата за регионална депонија во Дебрца е стара неколку години. Најнапред, со средства на ЕУ, беше изработена стручна студија за најповолни локации за изградба на регионална депонија во Југозападниот плански регион во кој спаѓаат општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар, Центар Жупа, Кичево, Македонски Брод и Пласница. Во неа беа посочени 4 локации, а како најпогодна за изградба на регионална депонија се издвојува село Годивје во општина Дебрца.

OhridNews