Викендов во Охрид ќе се одржи јубилејното 10-то издание на атлетскиот викенд „Охрид трчаТ“. Со цел непречено и безбедно одвивање на спортската манифестација, во недела, 7 јуни, во делови од Охрид на сила ќе биде посебен сообраќаен режим во траење од неполни 4 часа.

За време на манифестацијата, во периодот од 07:45 до 11:15 часот ќе биде затворен сообраќајот на улиците: Кеј Македонија, ул. Македонски Просветители, ул. Партизанска, ул. Јане Сандански, ул. Димитар Влахов, Булевар Туристичка, ул. Абас Емин, ул. Кирил и Методиј, ул. Илинденска, ул. Коста Абраш, Патека Студенчишта, ил. Свети Наум Охридски. За Вашите возила ви ги посочуваме следните алтернативни паркинг простори и тоа кај Горна Порта, паркингот позади центар за култура „Григор Прличев“ и просторот за паркирање кај поранешниот спортски полигон. Ве молиме Вашите возила да ги паркирате на соодветните места пред утрото на 07 јуни 2026 (недела) бидејќи во спротивно, доколку истото не е паркирано согласно сообраќајните насоки и препораки ќе бидеме приморани Вашето возило да го дислоцираме во соработка со сообраќајната полиција и пајак службата при ЈП “Билјанини Извори”.

Организаторите апелираат до граѓаните на Охрид да покажат разбирање и да се воздржат од употреба на возила во наведениот период.

Почитувани граѓани, оваа година ќе трчаме јубилејно по десетти пат низ улиците на Охрид. Истите ќе бидат исполнети со тркачи кои ќе ја имаат честа да трчаат по една од најубавите патеки во светот. Охрид, како туристички град, ќе имате можност за време на целиот викенд да го видите во едно поинакво светло со многу позитивна енергија, исполнет со над 2400 тркачи од 31 држава од светот. Ве повикуваме да бидете дел од нашата визија и заедно да покажеме почит и разбирање, кон сите оние, кои одлучиле да дојдат во Охрид да трчаат и уживаат во неговите убавини.

Почитувани граѓани, Ве молиме да имате разбирање и да го почитувате времениот сообраќаен режим на 07.06.2026 (недела). Станува збор за едно утро, односно за најмногу 3 до 4 часа. Ве замолуваме Вашите возила да ги паркирате на соодветно место, од каде ќе можете да ги користите доколку имате потреба во тој период и да ги почитувате насоките од редарите, волонтерите, судиите, сообраќајната полиција и поставената сигнализација, соопштија организаторите на спортската манифестација „Охрид трчаТ“.