Најмладите охриѓани, викендов, ќе имаат можност да ја проследат најновата премиера на охридскиот Народен театар, детската претстава, „Убавицата и ѕверот“ на Чарлс Перлт во режија на Ѓорѓи Ризески.
Како што истакна раководителот на театарот, Горан Стојаноски, станува збор за, префинета театарска игра, љубовна драма, која не е тенденциозна и им ја претставува на децата реалноста онаква каква што е.
Режисерот Ризески потенцира дека темата од бајката „Убавицата и ѕверот“ е секогаш актуелна и интересна за обработка.
– „Убавицата и ѕверот“ е доста познато дело, играно по театри и филмови, но нашиот пристап во обработката е низ драматизација што ќе ја обедини и разработи основната тема, дека убавината доаѓа од внатрешноста на луѓето, а не од надворешниот изглед. Да им покажеме на децата дека секој треба преку дела да се докажува колку е добар и какви треба да бидеме во животот, рече Ризески.
Во претставата играат: Адријана Билаловиќ Тодороска, Биљана Билаловиќ Вељаноска, Павел Маслов, Филип Кипровски и Ивица Цонев.
Претставата премиерно ќе биде изведена во недела со почеток во 12 часот, на Малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“. Цена на влезницата е 100 денари.
OhridNews