Во новата учебна година, во општина Охрид, за прв пат во училишните клупи ќе седнат над 500 првачиња.

Според информациите од локалната самоуправа, најголем број од нив ќе стартуваат во Основното училиште „Григор Прличев“, каде во централното училиште до денес, се запишани 128 првачиња, а 13 во подрачното школо во село Рача.


Второ според бројот на новозапишани ученици е ОУ„ Христо Узунов“, во кое се запишани 118 ученици, а во ОУ „Братство и единство“, во новата учебна година во училишните клупи ќе седнат 60 првачиња кои наставата ќе ја следат на македонски јазик, 15 на турски јазик и 32 на албански.

Во ОУ „Св. Климент Охридски“ своето основно образование ќе го започнат 27 ученици во централниот објект и 9 во подрачно училиште во Далјан.

Во ОУ„ Кочо Рацин“ се запишале 48 првачиња, во „Св. Наум Охридски“ 24, во Велгошти 25, во ОУ „Ванчо Николески“ во село Лескоец 28, во Косел 17 и село Вапила 9.


Од локалната самоуправа велат дека бројот на новозапишани ученици годинава е речиси идентичен со запишаните минатата учебна година.При тоа признаваат дека трендот на опаѓање на бројот на ученици и понатаму постои , особено кога станува збор во руралните средини.

Според министерот за образование, Панче Кралев, тоа се должи на опаѓањето на наталитетот и преселувањето од руралните општини во градовите.Со цел да се спречи ваквата појава, Кралев нагласува дека од страна на министерството се инвестира во руралните средини, за што доказ е проектот за изградба на модуларни училишта. Во рамки на проектот, годинава е предвидено да бидат завршени околу 20-тина училишта.


–    Тие се градат со едниствена цел-  да се обезбедат услови за изведба на наставата, со што ќе се овозможи жителите во овие средини ги задржат своите деца и да останат да живеат во руралните подрачја, додава министерот.

Надлежните се едногласни дека се прават напори да не дојде до затворање на училишта поради малиот број ученици. Министерот Кралев објаснува дека  таква одлука носи општината. Но, додава дека и доколку се случи такво нешто, ќе се води сметка за постојниот кадар да не остане на улица.

–    Ние никогаш не сме поддржувале идеја да се затвори некое училиште. Наша цел е тие да останат и во нив да се одвива наставата. Доколку дојде до еден таков случај, заедно со синдикатот, со директорите, со општините се прават напори во рамки на општината да се најде место за овие вработени. Огромен број трансформирани места се завршени изминатиот период, донесена е и  одредба во законот која не дозволува дополнителни вработувања, се додека не се исполни бројот на часови во рамки на една општина. Насоките на МОН се токму да бидат зачувани и загарантирани работните места на сите кои се дел од образованието на РМ“, објасни Министерот Кралев. 

Т. Кувенџиска