По повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ, еден од најзначајните датуми во македонската историја и државност, НУ Библиотека „Григор Прличев” – Охрид постави тематска изложба на монографски и сериски публикации посветени на овој историски настан.

Изложбата претставува избор од книжевни и историски сведоштва кои го отсликуваат духот на времето, стремежот кон слобода и национално единство. Меѓу изложените материјали се застапени книги со поезија, песни со мотиви на слободата, како и творештво на истакнати македонски автори. Меѓу позначајните изданија е и литературниот зборник „11 Октомври”, објавен во 1948 година, информираат од Библиотеката.

Посочуваат дека во делот посветен на сериските публикации се претставени статии од весници посветени на 11 Октомври и неговото одбележување низ годините.

Особено значаен документ е Законот од 8 септември 1945 година, со кој 11 Октомври е прогласен за државен и народен празник, потпишан од Методија Андонов – Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ. Преку изложените публикации, Библиотеката ,,Григор Прличев” им овозможува на посетителите да се запознаат со печатените сведоштва за овој значаен историски датум, со што библиотеката уште еднаш ја потврдува својата улога во зачувувањето, истражувањето и афирмирањето на книжевното и историското наследство, потенцираат.

Изложбата ја подготвија д-р Елена Станковска, виш библиотекар и библиотекарот Владимир Куциноски, а фотографиите се на Никола Ристовски.

Истата е отворена за посетители од вчера, 9 октомври, па се до 14 октомври во просториите на читалната на библиотеката во Оделот за зајмување.

OhridNews