Се очекува главна тема на разговорите да биде процесот на разрешување на проблемот со името. На средбата, претседателот Иванов ќе побара цврста заложба за реактуелизирање и заживување на процесот на разговорите, за што поскоро решавање на овој дведецениски спор и деблокирање на евро-атлантската иднина на Македонија, за што свој личен ангажман најави и генералниот секретар Бан при неговата посета на Македонија во јули годинава.
Од кабинетот на претседателот Иванов најавуваат дека на средбата акцентот ќе се стави на конструктивната позиција на Република Македонија во разговорите, како и на македонската посветеност за придвижување на дијалогот. Македонија очекува разговорите да се водат во рамката на резолуциите на Обединетите нации, без навлегување во идентитетските одредници.
Претседателот Иванов, најавуваат од кабинетот, ќе побара од генералниот секретар да се заложи за почитување на меѓународно преземените обврски и на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Особено што годинашното Генерално собрание на ОН започна со конференција за владеење на правото, на која членките на Свестлата организација усвоија декларација со која се повикува на почитување на пресудите на МСП.