Слаба патна инфраструктура и недопрена природа. Ова се првите впечатоци кои се најзабележливи при поминувањето низ охридското крајбрежно село Љубаништа. За многумина, вистинско место за рекреација и одмор, далеку од урбаниот начин на живеење.

Иако овој „рај“ крај Охридското Езеро кај голем дел охриѓани и туристи буди спомени, сепак во последните две години Љубанишкото поле заедно со населбата се почесто се споменуваат во јавноста. Ако некогаш песочните плажи и прекрасниот пејсаж беа синоним за фестивали, „журки“ и кампување, денеска истите се поврзуваат со „урбанизација“, „тешка механизација“ и „милионски проекти“.

„Порано гостите поминуваа оттука, се фотографираа, застануваа, кампот беше преполн. Имаше и за нас мештаните да се извади некој денар. Било соба, кревет, апартман, ќе наполневме на неколку дена. Оние кои се сместуваа долу крај плажите, барем неколкупати дневно ќе се качеа до селото, ќе испазареа, ќе свртеше некоја пара.“ – вели жителка на селото Љубаништа.

Иако мислењата на „љубаништани“ за проектот на Индиецот Рој се различни и поделени, сепак повеќето се песимисти дека за брзо време ќе отпочне изградбата на најавениот луксузен туристички комплекс.

На почетокот воопшто не верувавме. Но откако се случи оној медиумски бум, кога буквално сите дознаа каде е Љубаништа, помисливме дека конечно нешто ќе се гради во овој регион. Но еве, две години поминаа и ништо од најавите.“ – велат љубаништани.

Како што тие реагираат, за еден успешен мега-проект најпрво треба да се направи магистралниот пат кој води кон манастирскиот комплекс „Св. Наум“ и граничниот премин со Република Албанија, кој со децении се наоѓа во исклучително очајна состојба.

Зарем некој не може да понесе одговорност, да засука ракави и да ја направи инфраструктурата, бидејќи овие крпењци со децении се така оставени. Пред почеток на сезоната, ќе се вети за патот, но останува на тоа. Зарем некоја тешка механизација на Рој би можела да помине по овие дупки. Срамота за сите оние, кои со децении ја оставија инфраструктурата каква што била во Југославија.“ – реагираат жителите на Љубаништа.

Според нив, главниот проблем со кој се соочува месното население е безработицата, слабата финансиска моќ и масовното иселување на младите.

Ги пуштивме уште оддамна децата подалеку оттука. Нека работат, нека учат во градот. Леб за нив тука нема. Видете и самите, од што може овде да се живее.“ – велат љубаништани.

Инаку, во текот на две годишната индиска „сага“, Рој кој што во својата земја се соочува со проблеми со законот, ги подели мислењата на граѓаните, политичарите и стручните лица, околу неговите планови за изградба на милионски „тешкиот“ туристички комплекс во атарот на селото Љубаништа

O.T.