Во периодот од 13 април до денеска во земјава пријавени се вкупно 121 случај на мали сипаници, соопшти Институтот за јавно здравје. Од вкупниот број на ново пријавени заболени лица, 79 случаи се од Скопје, а останатите 42 се од 8 други градови во Македонија, од кои три случаи во Охрид.

Во тек на оваа недела најголем број на случаи, 52, се на возраст над 30 години, а по нив следат децата на возрст од 0-4 години со 44 регистрирани случаи.

„Според вакциналниот статус, 90 односно 70 проценти од регистрираните случаи се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус“, велат од Инститот за јавно здравје.

Вкупно, од почетокот на епидемијата во декември 2018 заклучно со денешниот ден, во Република Северна Македонија регистрирани се 1.081 случај на мали сипаници со стапка на заболување од 52,2 на 100.000 жители, што претставува највисок број на регистриран случаи во последните 10 години. Поради исполнување на епидемиолошките критериуми, епидемија од мали сипаници е прогласена на цела територија на Република Северна Македонија.

Според вакциналниот статус, 810 или 75% од заболени лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од невакцинираните лица, 184 (17,0%) се на возраст под 12 месеци и не подлежат на вакцинација, согласно Календарот за имунизација.

Од вкупно 189 заболени деца на возраст од 1-4 години, 89,4% се невакцинирани или со непознат вакцинален статус, а од 613 заболени кај лицата над 20-годишна возраст, 66,4% (n=407) се невакцинирани, непотполно вакцинирани или со непознат вакцинален статус.

Од пријавените случаи, 442 или 41% биле хоспитализирани, а кај 188 (17,4%) се регистрирани компликации. Од нив, најголем број компликации – 52 или 27,7% биле кај деца на возраст под една година а 39 (20,7%) кај деца на возраст од 1-4 години, што укажува дека оваа возрасна група е најзасегната и подложна на компликации.