Во Охрид има од 20 до 30 деца питачи, од најмала возраст, од новороденчиња, од три, пет, седум, па до 15 години, а и има и девојчиња кои се злоупотребуваат за нудење сексуални услуги. Едно дете за осум часа питачење може да донесе од три до пет илјади денари, а добива само 10 до 30 денари, посочува Илија Јовановиќ, претседател на Здружението за заштита, помош и унапредување на статусот на маргинализираните групи граѓани „Градиме иднина“ од Скопје.

Aпелира до граѓаните да ги пријавуваат случаите за кои ќе забележат дека се поврзани со злоупотреба на деца.
Секој случај што ќе го забележат, особено со изнајмување апартмани, ги замолувам веднаш да го пријават во најблиската полициска станица. Деца питачи во Охрид носат и од Тетово, Гостивар, Струга, Кичево, Ресен. Значи, има организирана шема, рече Јовановиќ, додавајќи дека проектот се спроведува пет години.
Посочи дека според податоците со кои располага Здружението, бројот на деца кои секојдневно питачеле на ниво на државата бил околу 2 000, а сега е намален на околу 700.
Со проектот кој го реализираме има големи промени. Од 2 000 досега 700 успеавме да ги отстраниме од улица. Продолжуваме со овој проект и не се откажуваме, рече Јовановиќ.
Според него, за решавање на проблемот е потребно поголемо вклучување на општеството, преку отворање дневни центри и организирање едукативни работилници, како и вклучување на децата во образовниот систем.
Преку ноќ ние не можеме овој проблем да го решиме, затоа што баравме секоја општина по статутот да отварат и дневни центри за работилници и работење и да нивниот проблем се решава секојдневно, да се работат со нивните биолошки родители. Сега ќе отвараат и групни дневни центри, децата да се запишуваат во школи, во градинки. Министерот за труд не информираше дека откако детето се зема од улица, веднаш ќе се носи во здравствена установа да се прегледа неговата здравствена состојба, ќе се задржуваат во полициска станица да им се земат податоци и понатаму ќе постапуваат инспектори за малолетни деца и од социјалните служби.
Јовановиќ потенцираше за злоупотребата на децата за профит истакнувајќи дека едно дете за осум часа питачење може да донесе од три до пет илјади денари, а самото дете добива од 10 до 30 денари.
Едно дете, од едно питачење работно време има од 8 часа, има профит од 3 до 5 илјади денари. За жал, тие деца добиваат само од 10 до 30 денари, истражувањата ова го кажуваат, и на крај добиваат ќотек, а останатите поголеми суми завршуваат кај нивните шефови и организатори. Полицијата тоа веќе го знае, се поднесуваат кривични пријави, некои се опоменуваат дека не смее тоа да се повтори. Од втората опомена и третата веќе им се одзема родителското право. Судската постапка е многу тешка во Република Македонија, баравме да се дополни, измени во Кривичниот закон и тоа е голем процес, но се надевам дека со залагањето на сегашниот министер ќе се сменат доста закони, додава Јовановиќ.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска











