Здружение на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) утре на 28-ми јануари во хотелот Милениум Палас, со почеток во 12 часот ќе организира трибина на тема „Ефектот на странските директни инвестиции во технолошко-индустриските развојни зони врз македонската економија“, во рамките на проектот „Влијанието на владините субвенции за странските директни инвестиции, наспроти нивниот ефект врз економскиот раст’’.
Трибината има за цел да се изнесат јавни размислувања и заклучоци на релевантни говорници за странските директни инвестиции, со што би се помогнало во креирање на подобри јавни политики во државата кои би биле во прилог на локалната заедница. Проектот е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
На оваа дискусија се очекува да бидат вклучени и гостите кои ќе може да дадат свои ставови и искуства за странските директни инвестиции или пак да постават прашања кон говорниците во врска со оваа тема. Таргет група на учесници на овој настан е локалното население во градовите Охрид, Струга и Кичево.
Здружението ЗМАИ е основано од седум статистичари чија основна дејност е изработка и спроведување на статистички и економетриски истражувања кои ќе служат како база за градење на јавни политики и информирање на истражувачката и пошироката јавност. Мисијата на ЗМАИ е да го поттикне истражувачкиот дух кај младите преку изработка на научни и истражувачки трудови кои ќе бидат лесно достапни до секој граѓанин, а истовремено ќе имаат аналитичка и истражувачка вредност за понатамошни анализи.
OhridNews