Идната година, Охрид ќе биде еден од домаќините на четвртата Глобална конференција на Обединетата македонска дијаспора, на која ќе се одбележува 100-годишнината од Букурешкиот договор.
Според ОМД, преку оваа конференција ќе му се покаже на светот дека покрај нанесената неправда од пред еден век, земјава се уште опстојува во модерната доба на живеење. „Македонија ќе биде домаќин на оваа конференција, со цел татковината на едно место да ги собере Македонците од целиот свет. На соседите ќе им покажеме дека и покрај поделбите, етничкото чистење и геноцидот, македонското население и држава се уште опстојуваат“ – вели Стојан Николов, претседавач со ОМД.
Исто така, во повеќе градови во земјава и ширум соседството, ќе се одбележи 70-годишнината од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, 65 години од егзодусот на децата бегалци од Егејска Македонија и двата Илиндена. „Историјата во последните 100 години била тешка, но иднината во наредните 100 ќе биде ветувачка. Сакаме да покажеме дека до сега никој не успеал да не претопи, а време е да се обединиме.“ – потенцира Мето Колоски, Претседателот на ОМД.
На конференцијата ќе присуствуваат високи државни службеници, а од САД се очекува да допатува сенаторот Ричар Лугар. Покрај Охрид, главните настаните ќе се одржат и во Скопје, а делегацијата планира да ги посети Мала Преспа во Албанија, Благоевград во Бугарија и егејскиот дел од Грција.
OhridNews