По повод одбележувањето 75 години од основањето, Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје од утре до 18 мај во Охрид ќе организира меѓународна научна конференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“, која е под покровителство на претседателот на државата Стево Пендаровски.

Преку пријавените 123 апстракти од страна на 202 автори од вкупно 21 земја, верувам дека ќе се придонесе од оваа научна конференција да се направи своевиден пресек на образовните актуелни случувања во Македонија, а ќе се актуелизираат и нови прашања и теми од областа на педагогијата и образованието. Секако тие ќе резултираат и со препораки, кои ќе бидат од голема важност преку нивното интегрирање во образованите политики во земјата за исполнување на визијата за поквалитетен воспитно-образовен систем. На конференцијата се очекува присуство на 200 учесници – ректори, градоначалници, универзитетски професори, декани, професори, педагози, наставници, воспитувачи и студенти, информираат од Иститутот за педагогија.

Целта на конференцијата, како што посочуваат, е афирмација и промоција на нашата дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји.

По периодот на изолација заради пандемијата, очекуваме на конференцијата да се направи ретроспектива на последните случувања во воспитно-образовната политика, како и научен осврт за реформските зафати во нашиот образовен систем, примери од теорија и практика, да се дискутира за актуелните прашања од сите области и потсистеми на воспитанието и образованието, да се промовираат нови педагошки концепти и идеи и да се споделат резултати од најнови истражувања и иновации. Концептот на конференцијата е од мултидисциплинарен пристап и во објавениот повик се наведени вкупно 41 тема од различни научни области, на пример од областа на психологијата, социологијата, специјалната педагогија, безбедноста, историјата, археологијата, социјалната работа и политика, уметност, физичко и здравствено образование итн, потенцираат од Институтот.

На оваа научнa конференција со меѓународно значење ќе учествуваат истакнати универзитетски професори и стручњаци од праксата од земјата и Финска, Хрватска, Италија, Унгарија, Турција, Словенија, Полска, Чешка, Израел, Велика Британија, Украина, Казахстан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Бугарија, Косово и Египет.

OhridNews