Според податоците на Центарот за јавно здравје во Охрид не се евидентирани случаи на заболени од сезонски грип, но не се исклучува можноста состојбата да се промени во наредниот период со оглед на порастот на бројот на заболени во земјава.

Од центарот потенцираат дека голема улога има и тоа што голем број охриѓани го послушале советот за вакцинација против сезонски грип. Сите вакцини кои биле набавени во Охрид на почетокот на есента се искористени.

Од почетокот на месецот во земјава се евидентирани над 300 лица со симптоми на грип, а од октомври досега, се пријавени над 900 случаи со симптоми на грип. Од министерството за здравство велат дека кон крајот на месецов и наредниот месец се очекува зголемување на бројот на заболени.
 
Министерството за здравство се обратило до Министерството за образование за преземање превентивни мерки во училиштата во пресрет на почетокот на второто полугодие.

Како ризични групи за кој било вирус на грип Светската здравствена организација ги потенцира децата помали од две години, бремените жени, лица со намален имунитет, хронично болните лица и постарите лица.

OhridNews