Мир и соживот на Балканот е пораката која синоќа во Охрид ја пренесоа високите турски функционери, професорот Булент Арас од центар за стратешки истражувања при министерството за надворешни работи на Р.Турција и Ѓурсел Донмез од владината управа за турската дијаспора и роднински заедници, на одбележувањето на 100-годишнината од Балканските војни, што се одржа во организација на турската младинска организација УФУК од Македонија.


Професорот Арас го потенцираше значењето на соработката помеѓу народите на Балканот во чија насока се движи и моменталната надворешна политика на Турција.

„Турција се грижи за Балканскиот простор бидејќи соживотот на Балканските народи има вековна традиција. Услов за мир и безбедност на балканскиот простор е политичкиот дијалог, еднаков меѓу сите држави на највисоко ниво. Како второ тука е економскиот развој за спокојство и безбеден простор.“-рече професор д-р Булент Арас од центарот  за стратешки  истражувања од Министерството за надворешни работи  на Р.Турција.


Ѓурсел Донмез од владината управа за турската дијаспора и роднински заедници, се фокусираше на историскиот аспект кој се чини најмногу ги поврзува балканските народи.

„За време на овие сто години, во периодот од 1912 година до 2012 на овие простори имаше војни и народите доста патеа. И во најновата историја по Втората светска војна и завршувањето на Студената војна, како и распадот на Југославија сето тоа се лоши работи кои се случуваа особено на територијата на Босна и Херцеговина.“-вели Ѓурсел Донмез од од владината управа за турската дијаспора и роднински заедници.


Инаку одбележувањето на  на 100-годишнината од Балканските војни во Охрид започна во месец март со проект кој аеднички го реализираа невладините организации „УФУК“ и „Карабеј махале“.

OhridNews