Стотина претставници од акцијашки клубови од Македонија и државите на поранешна Југославија, Швајцарија и Германија учествуваат на првите средби на акцијаши-волонтери што викендов се одржуваат во Охрид.


Во Извидничкиот центар во Далјан утрово ечеше ударничка песна оживувајќи го духот на акцијаштвото во Охрид, каде во 1985 година се одржа последната сојузна работна акција „Брег на младоста“. Група ентузијасти од Охрид преку формирање на акцијашкиот клуб кој го носи токму името на акцијата од пред 28 години „Брег на младоста“, ја реафирмираа идејата за акцијаштвото, со цел обединување на слични клубови од регионот во  движење на волонтери кои ќе работат доброволно во духот на новото време.

-Тоа  значи дека нема да се копира масовноста на младинското ангажирање, бидејќи тоа е едно старо време и во овие нови услови мотивацијата да се учествува во волонтерските кампови не може да биде она што беше кога тие се организираа во бивша Југославија. Во активностите кои ќе следат ќе бидат авклучени исклучиво волонтери кои се специјалисти во своите области. Тие ќе бидат ангажирани каде што има потреба и кога ќе има потреба, се разбира доброволно и без надомест.
-изјави Славко Никоколоски, од акцијашкиот клуб „Брег на младоста“.


Акцијашкиот клуб „Брег на младоста“ има 200 членови. Тие, како што истакна претседателот на клубот Зоран Стевоски, ќе бидат вклучени во активности кои ќе се реализираат согласно програмата за работа која предвидува низа општествено корисни активности, а во план е и организација на меѓународен камп во 2014 година во Охрид.

-Ваквиот начин на делување на волонтерите одамна е пракса на западот кој ги зеде најпозитивните придобивки од акцијаштвото кое го имавме во поранешниот систем.-истакна Стевоски.


Идејата за активирање на акцијашите преку волонтаризмот започна пред 6 години во Кикинда, и обединува околу 5000 членови. Дел од нив учествуваат на првиот акцијашки камп во Охрид.

Без оглед што сега живееме во различни држави ние се уште зборуваме со истиот јазик на срцето и се разбираме. Во изминатите 5 години го трасиравме патот за идните активности кои ќе следат, бидејќи наша цел е да ја рашириме нашата мисија и да им овозможиме на младите да се воспитуваат и растат онака како што ние растевме.-вели Марија Јешиќ, акцијаш од Сремска Митровица.


Акцијашите од поранешна Југославија утрово го светнаа крајбрежјето во населбата Далјан, каде во 1984 година е организирана првата од двете сојузни акции во Охрид. Тие се присетија на старите времиња и акциите за кои ги врзуваат големи  пријателства кои, како што велат, ги одржуваат до ден денес.

-Имаме контакти од 1985 година. Никогаш не престанавме да комуницираме, се посетуваме и ден денес контактираме телефонски или со пораки.-вели бригадирот Борис Ивласиќ.


Акцијашите во време на поранешната држава учествуваа во изградба на автопатишта и бројни капитални инфраструктурни објекти, се присетува познатиот хуморист Војче Китаноски, кој грижливо ја чува ударничката значка од акцијата во далечната 1978 година.

-Јас бев на свеченото пуштање на пругата Сараево – Шамац во должина од 260 км која се изгради за 8 месеци.-раскажува Китаноски.


Учесниците на првиот акцијашки камп во Охрид потпишаа Декларација за афирмација на акцијаштвото и волонтаризмот, и ги договорија насоките на соработка во иднина.

-Оваа декларација е изготвена врз основа на заедничката платформа на здруженија и клубови за доброволни работни акции и волонтаризам и е во духот на напорите на Обединетите нации за промовирање и практицирање на волонтаризмот.-истакна Љупчо Милкоски, промотор на декларацијата со која потписниците се обврзуваат на активно учество на средби, кампови, едукации и волонтерски акиции на локално, регионално и глобално ниво.


Меѓу првите активности кои ги договорија претставниците на акцијашките клубови од регионот во Охрид, ќе биде нивно вклучување во проектот за заштита на Дримскиот басен кој ќе отпочне со реализација в година.

Горан Момироски